Нашата семејна пчеларска традиција е родена во далечната 1878 година во село Конско на падините на Кожуф планина, Гевгелиско, од нашиот пра-пра дедо Ристо АЛЧИНОВ (1858-1963)кој на своја 20-годишна возраст 'уловува' диви пчели и ги населува во примитивни пчелни живеалишта-улишта, трмки. Покрај неговата основна дејност, одгледување добиток - свињи и обработка на дрво, тој ја поседувал пиланата во с.Конско за производство на граѓа и дрвен материјал, а пчелите и производите од нив биле за домашни потреби. Интересен факт е тоа што во тоа време, 2 пати годишно, пролет и есен, ги товарале магарињата со граѓа и 300 свињи, заедно пеш оделе на пазар во Солун, каде се одвивала стокова размена и нови бизнис контакти.
Традицијата продолжува со најстариот син, нашиот пра-дедо Трајко АЛЧИНОВ (1905-1995), кој уште од најмала возраст се интересирал за природата и сточарската дејност, што во текот на 1930-тите години се преселува во Гевгелија, каде што поседува 4 воденици за мелење и преработка на житни култури, но со тоа се преселува и пчеларникот и целокупното работење. Пра-дедо Ни Трајко, сам изградил дуќан во старата Гевгелиска чаршија, каде покрај другите основни домаќински продукти, започнал со продажба на мед и восок, од сопствено производство. Ваквиот начин на пчеларење ќе потрае до почетокот на 1960-тите години, кога ги набавува првите Дадант-Блатови кошници во овој регион, модерни пчелни живеалишта со подвижни рамки и интензивно пчеларење, кои сам ги набавил од тогашна Германија со железнички транспорт.
Намерно ја ставивме 2015 година, бидејќи нашиот дедо Ристо АЛЧИНОВ (1930-2022) до последна сила се трудеше, помагаше и беше активен околу пчеларските активности. Имено, главен санитарен инспектор во поранешната СФРЈ, вљубеник во природата и медицината, своето основно образование го завршува во првото училиште 'Владо Кантарџиев' во Гевгелија и средно образование продолжува во Загреб, средно медицинско училиште, каде по завршувањето се враќа во родната Гевгелија и првично работи како лаборант во Општата Болница во Гевгелија, заедно како помошник на д-р. Александар Синѓер, најпознатиот гевгелиски доктор, што понатаму се до пензионирање работи како главен санитарен инспектор на поранешна територија на Општина Гевгелија, вклучувајќи ги Дојран, Валандово и Богданци. Паралелно на својата служба, одсекогаш го оддржуваше пчеларското производство на квалитетно и високо-продуктивно ниво, го проширува работењето на 2 пчеларника во околината на Гевгелија и почнува со примена на номадска техника - селидбено пчеларење, т.е. преселба на пчелните семејства на испаша. Никогаш не згасна желбата за учење, дебатирање и иновативност во пчеларството, што Не прави нас особено горди како внуци на учителот на многу денешни активни и поранешни пчелари. Апи-терапискиот центар кој ние го отворивме во Јули, 2022 година го носи името на нашиот дедо кој почина истата година и остави траен белег во гевгелиското и македонското пчеларство.
Можеби најголемиот отскок во нашето семејно пчеларење ја дал нашиот татко Трајко АЛЧИНОВ (роден 1958), кој во 80-тите години воведува нов тип на пчелни живеалишта - кошници, за интензивно пчеларење, Фаррар кошници. Интензивирањето на производството продолжува со иновативен метод на преселба на пчелните кошници со платформи, пренесувани од приколка со теренско возило, со што се отвораат испашните предели од Дојран па се до населбата Смрдлива Вода (1100м.н.в.) по падините на Кожуф планина. Воедно таквиот интензивен и професионален начин има потреба од формирање на линија за екстракција на мед и другите пчелни производи, со што пчеларската дејност во семејството добива модерен, уникатен и оддржлив професионален пчеларски бизнис. Една од клучните активности, е селекцијата на генетиката кај пчелните друштва, што со вековна оддржливост го изнесе големото достигнување, да на Нашиот пчеларник помеѓу Гевгелија и село Мрзенци, е детектиран најголем процент на генот Apis Mellifera Macedonica, македонската домородна афтохтона медоносна пчела, со присуство од над 92%, што е најголем во цела Македонија, а семенскиот материјал и мултипликацијата е раширен од страна на Земјоделски факултет Скопје низ цела држава, па и пошироко
Сето ова, со огромна љубов, знаење и ентузијазам е пренесно на Нас, носителите на 5-тата генерација семејна пчеларска традиција, Бруно и Кристијан АЛЧИНОВИ, кои со енормна енергија и харизма ја презедовме дејноста за продолжување на пчеларскиот бизнис. Во 2017 година го зголемивме производството на 3 пчеларници, целосно опремени со платформи за преселба и активено номадско-пчеларење. 2018 година веќе сме дел од иницијативниот одбор и формирањето на пчеларското здружени на пчелари-професионалци АПИТОКСИН од Гевгелија, кое активно делува во промоцијата на Apis Mellifera Macedonica и Кожуфското пчелогорје. Во 2019 година ја пуштивме во употреба првата професионална пчеларска работилница во Општина Гевгелија и ја отпочнавме изградбата на апи-терапискиот центар. Во 2022 година, на 10-ти Јули ја пуштивме во употреба првата фаза од апи-терапискиот центар, а тоа е апи-комората за апи-инхалација, т.е. вдишување на пчелниот воздух директно од пчелната кошница. Во овој момент селидбеното пчеларење се одвива од Гевгелија (50 м.н.в.) преку село Конско (600 м.н.в.), пчеларникот над населбата Смрдлива Вода (1100 м.н.в.) се до подножјето на врв Белези и врв Зелен Брег на 1750 м.н.в., Ски центар Кожуф. Продолжуваме со неуморно професионално работење, кое покрај услугите како апи-инхалација, ги нудиме на пазарот сите пчелни производи, мед, прополис, полен, перга, восок, матичен млеч, пчелин отров, пчелни матици и роеви, како и премази и креми од Кожуфските билки и пчелните производи, како и чаеви собрани од Кожуф планина. Нашата мисија - секој човек има право да го добие најдоброто од природата. Ние сме тука преку вредните пчелки работнички и чудесната Кожуф планина, да го доведеме најдоброто до трпезата на Нашите потрошувачи, зошто пчелата е благодет, медот лек, а природата наше богатство. Нашата цел - оддржливо традиционално пчеларење со примена на најновите и модерни технологии, притоа главна цел е квалитетот и совршеноста во работата на пчелата работничка, промоција и афирмација на уникатниот и совршен Кожуф, неодоливото Гевгелиско пчелогорје и заштита на домородната раса, Apis Mellifera Macedonica. Наша визија - како и Нашите претходни генерации, така и ние продолжуваме со протагонистичкиот пристап во локалното и националното пчеларство, со што оддржливиот развој, иновативноста и љубовта кон пчелите го создаваат забрзаниот прогрес, кој е меѓународно признат и високо рангиран. Природата има капацитет за сите нас, пчеларството допрва го завзема своето заслужено место во перцепцијата на луѓето,а ние сме овде да го создадеме тоа да функционира.
Пчеларска фарма АЛЧИНОВ, како одговорна и транспарентна компанија континуирано учествува на разни Балкански, Европски и светски натпревари и оценувања на мед и пчелни производи, каде почнувајќи од 2018 година до ден денес, добитници сме на повеќе признанија и награди во категориите мед, мед со саќе и прополис. Во однос на квалитетот на нашите производи, кои константно се сертифицирани и верифицирани од акредитирани Македонски лаборатории, се издвојуваат со уникатен квалитет медот од Кожуф (1.750м.н.в.) и нашата специјалност, 27% ПРОПОЛИС раствор.